Започнаа изведбените активности за затворање и ревитализација на старата депонија кај Сува Река. Со воведувањето во активностите од страна на подизведувачот и отстранување на депонираниот комунален отпад, веќе се создадени сите предуслови за надминување на проблемите поради неисполнување на еколошките норми и стандарди и честите запалувања.
Со прокетот се предвидува изградба на уште еден потпорен ѕид од северната страна на Сува Река. По третирањето на комуналниот отпад на оваа дива депонија, истиот ќе се покрие со заштитна прекривка- геотекстил, врз која ќе има тампон од песок и земја. Исто така, предвидена е и изградба на резервоар, каде би се собирал исцедокот од прекриениот отпад. По ова, по целата површина од депонијата ќе биде засадена трева.
Целиот проект ќе се реализира со доделениот грчки грант, односно, неискористените 420.000 евра доделени од Грчката влада, за изградба на прочистителната станица кај Сува Река, согласно потпишаниот трилатерален договор меѓу Швајцарската, Грчката и Македонската влада. По изградбата на овој капитален проект, меѓу Министерството за животна средина на РСМ, Швајцарската агенција за развој, преку која се реализираше најголемиот дел од донираните средства за прочистителната станица и Грчката амбасада, во нашата земја беше постигнат договор преостанатите средства од грчкиот грант да бидат наменети за затворање и ревитализација на дивата депонија кај Сува Река.
Инаку, по затворањето на дивата депонија, целиот комунален отпад се депонира на Новата времена депонија кај Ново Конско.