• Mon. Nov 25th, 2024

Зголемен бројот на вакцинирани деца

Во Министерството за образование и наука (МОН) засега немаат податоци дали има незапишани ученици поради непримена МРП-вакцина и очекуваат дека преку Државниот просветен инспекторат ќе ги добијат во текот на овој месец, а според ресорниот министер Арбер Адеми значително е зголемен процентот на деца вакцинирани за заштита од мали сипаници.

– Сите податоци за запишани деца ќе ги добиеме овој месец, а со министерот за здравство Филипче договоривме да има и теренска вакцинација во самите училишта за да се подигне опфатот на вакцинирани деца – изјави Адеми вчера при посетата на ОУ „Лазо Ангеловски“ по повод првиот училиштен ден.

По ширењето на заразата во текот на минатата учебна година, поради што беше прогласена и епидемија на територијата на целата држава, беше донесена одлука во градинките и во училиштата да се примаат и запишуваат деца само со приложен вакцинален картон.

Министерството за здравство минатиот понеделник соопшти дека вакцинацијата со МРП-вакцина во целата држава е 98 проценти. До тој ден вакцинирани биле 35.870 лица со МРП-вакцина на возраст до 14 години. Од нив, во Скопје се вакцинирани 16.732, а во преостанатиот дел од државата се вакцинирани 19.138 лица до 14-годишна возраст што подлежат на вакцинација. Во центрите за јавно здравје, пак, дополнително се аплицирани 6.189 дози вакцина, од кои повеќе од 60 отсто кај здравствени работници, студенти и ученици во средните медицински училишта.

Од почетокот на епидемијата биле регистрирани 1.893 случаи со мали сипаници во целата држава, што, според Министерството за здравство, е најголем број во изминатите 20 години.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *