По неполни пет месеци од пожарот што ја зафати станбената зграда на улица „Ристо Чадаров“ во Гевгелија, во која изгореа сите шест 6 станови во поткровјето, додека 6 станови на петтиот кат беа делумно оштетени, започна санацијата на зградата. Струмичката фирма започна со изградба на нов покрив и санација на опожарената зграда. Санацијата се изведува со средствата во износ од 400.000 денари, што со одлука на Советот на општина Гевгелија, веднаш по пожарот беа доделени за оваа намена. Исто така, и со дополнително донираните средства од поединци и фирми во Гевгелија. По тој повод станарите на опожарената зграда упатија благодарност до градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков, нагласувајќи дека без донираните средства зградата ќе станеше целосно нефункционална.
-Ситуацијата стана алармантна по последните дождови, но, тоа е резултат на одолговлекувањето на целата постапка за санација и изградба на покривот. Вистина е дека се работи за станови во приватна сопственост, но во зградата главно живеат пензионери со ниски примања. Не би сакала да замислам што ќе се случеше доколку ги немаше донираните 400.000 денари од општината и дополнително донираните средства од приватни правни лица, се вели во писмото со благодарност кое до општина Гевгелија го достави Јованка Прочковски во името на станарите од опожарената зграда.
Според потпишаниот договор на станарите со изведувачот санацијата треба да биде завршена во најскоро време. Инаку, покрај донираните средства за санација на зградата, општина Гевгелија, веднаш по пожарот, им донираше на станарите кои живееја и се затекнаа во становите по еднократна парична помош, обезбеди покрив над главата за оние станари кои немаа други можности, а организираше и ја поддржа акцијата за расчистување на опожарената зграда.