Денеска, започнаа градежните работи за доизградба на патот до Ума. Со доизградбата на преостанатите 800 метри од патот, целосно се заокружува оваа сообраќајница, од крстосницата на патот Гевгелија – Смрдлива Вода, па се до Ума. Втората фаза од изградбата на овој пат се реализира во рамките на проектната програма на Југоисточниот плански регион, кој аплицираше кај Бирото за регионален развој.
На почетокот на изведбените работи, градонaчалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, истакна дека дел од делницата на патот до Ума беше асфалтиран во 2010 година, а со овој зафат целосно ќе биде асфалтиран патот до оваа населба. Со тоа, потенцираше Сарамандов, не само што ќе се подобри сообраќајната врска до Ума, туку ќе се создадат услови за побрз развој на руралниот туризам во ова населено место, кое располага со големи потенцијали.
По потпишувањето на договорот за реализација на проектот од страна на градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов со Бирото за регионален развој во декември, минатата година, се интензивираа активностите за реализација на овој проект. Изградбата на последната делница од патот за Ума чини 6.700.000 денари, од кои средства од Бирото за регионален развој, преку проектната програма на Југоисточниот плански регион, се обезбедени 5.200.000 денари. Преостанатите 1.500.000 денари ќе бидат обезбедени од страна на Општина Гевгелија, како сопствено учество.