Се разрешуваат сите претседатели на општински ограноци на Социјалдемократскиот сојуз, изјави премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев кој синоќа донел одлука да бидат изработени решенијата од страна на администрацијата во владејачката партија. Тој најави дека во текот на денот ќе ги потпише решенијата.
Заев им заблагодари за досегашната работа, а на сите оние претседатели на општински организации каде што СДСМ победил на изборите, им порача да бидат повторно кандидати и да се пријават на конкурсот.
„Следуваат следните чекори во делот на промените, како ќе се носат така ќе ги објавуваме до граѓаните и до јавноста, токму преку вас медиумите. Како што реков, почетокот на јуни или првата половина на јуни ќе се случуваат промените во општествениот сектор, а тоа се јавните претпријатија, министерствата, владата и сите владини институции, а во политичкиот дел во мојата политичка партија, таму каде што јас сум директно надлежен, а тоа во изборот на претседателите на општинските организации, одлуката ја донесов, синоќа ја соопштив на координација на колегите од раководството, затоа тоа што тоа е мое право“, рече Заев.