Премиерот Заев денеска се слушнал со новоизбраниот премиер на Грција, Кирјакос Мицотакис, за да му ја честита изборната победа и новата функција.
Во разговорот со Мицотакис, Заев посакал просперитет и благосостојба на соседот Грција и на грчкиот народ.
Двајцата премиери заеднички изразиле надеж за продолжување на соработката меѓу Северна Македонија и Грција, во очекување на нивната прва средба како премиери. Премиерот Заев ги потврдил позициите дека Грција е стратешки партнер на Северна Македонија со којшто развива соработка и градат трајно пријателство и изразил благодарност за поддршката којашто земјата ја добива од Грција, за членството во НАТО и за почетокот на преговорите со ЕУ.
Премиерот Заев во разговорот упатил признание и честитки за успешните демократски избори во Грција, нагласувајќи дека со овие избори земјата уште еднаш покажува дека е водечка во регионот, како најсилна и најстабилна демократија, долгогодишна членка на ЕУ и НАТО, што придонесува кон стабилноста и развојот на регионот.