Со обележувањето на целосно реконструираната улица „Индустриска“ завршува хоризонталното сообраќајно обележување на улиците во Гевгелија.
„Во пролетно-летната акција за обнова на хоризонталната сообраќајна сигнализација се опфатија 3500 метри квадратни улична површина. На оваа површина беше извршено машинско обележување со бела боја на пешачките премини и средишните и рабни линии по сообраќајната лента“, велат од општината.
На 400 метри квадратни е извршено машинско обележување со жолта боја за автобуските и такси стојалиштата, додека на 100 метри квадратни е извршено машинско обележување со црвена боја за кружните текови. Покрај ова, беше извршена обнова на хоризонталната сигнализација во центарот на градот и тоа, согласно, проектот за сообраќаен режим на градот. Со поставувањето на хоризонталната сообраќајна сигнализација значително ќе се зголеми прегледноста на улиците и ќе се подобри безбедноста во сообраќајот што е приоритет во работата на локалната самоуправа.
За реализацијата на оваа акција, Општина Гевгелија издвои 395.670 денари од Општинскиот буџет. Изведувач на работите беше струмичката фирма „МС СТОП ИНЖИНЕРИНГ“, со која Општина Гевгелија склучи договор по окончаната постапка за јавна набавка.