• Fri. Nov 22nd, 2024

„За тебе љубов моја“ по 21. пат во Гевгелија со поезија и музика во чест на жената и љубовта

ByЃ. K.

Mar 7, 2024

Големото семејство на Поетско-музичката манифестација „За тебе љубов моја“ читаше поезија, свиреше и пееше во чест на жената и љубовта пред 8 Март- Денот на жената. Годинашната, „За тебе љубов моја“ се одржа традиционално по 21. пат, во хотел „Аполонија“, а во организација на професорите по македонски јазик и литература, Даниела Џишева и Тони Аврамов.

Различни профили на луѓе – од професори, до доктори, правнци, етнокореолози, психолози и архитекти, но сите вљубеници во уметноста – долгогодишни и нови учесници, им понудија незаборавна и топла вечер на верната публика со убав збор и музика. Рецитираа: Даниела Џишева, Катица Џишева Дупарова, Катерина Ичева, Петар Јанчев, Марија Џиџева, Бојан Aлексов, Светлана Стојковиќ, Каме Ќаев, Мери Олумчева, Јордан Aндов, Силвестер Проле, Љупка Урумова Проле, Бисерка Макревска, Тони Аврамов, Розита Андонова, Ламбрина Лазаревска и Александра Ќаева. Во музичкиот дел, учествуваа: Јована Дупарова, Александар Стојанов, Ангелина Несторова, Ангела Зафирова, Ања Поп Костова, Слободанка Арнаудова, Стојанчо Картелов и Цветанка Атанасова.
Годинава, „За тебе љубов моја“ доби нова димензија со учеството на Јордан Андов од Велес, лице со аутизам. Својот талент за рецитирање го претстави пред публиката со „Умилкување“- П. М. Андреевски, за што доби долготраен аплауз. Имено, во 2018 година, Јордан, како учесник од ДСУ за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“- Скопје, го освои првото место на Рецитаторскиот натпревар за средно образование, организиран од Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература на Република Македонија.

Покрај тоа, општествената одговорност „За тебе љубов моја“ ја покажа и со организираната хуманитарна акција, во соработка со ОО Црвен крст- Гевгелија, за собирање финансиски средства кои ќе бидат донирани на семејството од Гевгелија, чија куќа им беше опожарена.

By Ѓ. K.