Ублажувањето на мерките за изолација во Италија ќе биде фазно, во четири етапи, а првата почнува на 27 април, информираат италијанските медиуми, иако за ова сè уште нема официјална потврда од владата, пренесе Макфакс.
„Станува збор за четирите наредни понеделници што ќе го постават темпото на повторно отворање на земјата, по карантинот воведен на 9 март со цел да се запре епидемијата на Ковид-19, од која починаа повеќе од 25.000 луѓе“, пишува Кориере дела Сера, водечкиот дневен весник во Италија.
„Сè ќе зависи од кривата на заразата, односно условот е таа да не расте. Фабриките за производство на алати за земјоделство и шумарство ќе бидат отворени на 27 април“, пишува весникот.
Во понеделник, на 4 мај, е предвидено да се отворат градилиштата и текстилната и модната индустрија, а на 11 мај се планира отворање на продавниците за облека и обувки и другите продавници.
Четвртиот понеделник, 18 мај, треба да се отворат рестораните, баровите и фризерските салони.
Постепеното отворање на земјата ќе се одвива со строги хигиенски мерки и социјална дистанца. Во продавниците од 40 квадратни метри или помалку ќе се влегува еден по еден.
Рестораните и баровите мора да обезбедат растојание од најмалку еден метар меѓу гостите, а предност ќе имаат рестораните на отворено во однос на оние со климатизирани простории, бидејќи климатизацијата може да придонесе за ширење на заразни честички.