Системот кој предвидува поврат на 15 отсто ДДВ на производите кои што имаат 18% данок на додадена вредност е воспоставен, а готова е и апликацијата. Во моментов се тестира. Но, на десет дена пред стартот на оваа мерка ниту од Министерството за финансии, ниту од Управата за јавни приходи (УЈП) нема детали како ќе функционира и како ќе се инсталира. Од Финансии велат дека до крајот на неделава ќе излезат со упатство и информации за граѓаните ќе имаат можност за поврат на ДДВ. Премиерот Зоран Заев пред повеќе од еден месец најави дека граѓаните преку мобилна апликација на која ќе го скенираат кодот на фискалната сметка ќе можат да добијат поврат на ДДВ.
„Многу брзо ќе бидат информирани, ние подготвуваме едукативно, како да ги едуцираме граѓаните како да добијат што повеќе информации. Сите поодготовки течат. Во текот на наредната, при крајот на наредната недела ќе имаме и ќе ги соопштиме деталите за овој проект“, изјави Драган Тевдовски, министер за финансии.
Од УЈП засега нема конкретен одговор за тоа како апликацијата ќе биде поврзана со трансакциските сметки на граѓаните и со системот на е -даноци и што ќе се случи ако се откријат евентуални грешки при пресметките. Но тврдат дека се целосно подготвени за старт на реформата од 1 јули.
„Во изминатиот период УЈП интензивно работеше на софтверското решение, преку којшто ќе се врши повратот на ДДВ. УЈП ќе ги стави во функција сите ресурси за помош и поддршка на граѓаните со цел да го остварат своето право на поврат на ДДВ“, велат од Управа за јавни приходи.
Реформата предвидува од 1 јули, секој граѓанин кој што има над 15 години и важечка лична карта ќе има можност за поврат на ДДВ. Потребно е само да има трансакциска сметка и да биде регистриран во системот е -даноци. Мерката беше најавена дека секое семејство ќе добие максимум по 500 евра годишно од поврат на ДДВ. Според анализата на Фајнанс тинк пак, само најбогатите домаќинства кои годишно трошат над 20 илјади евра, ќе добијат од државата на име ДДВ околу 450 евра. Просечно македонско семејство кое троши за минималните основни потреби околу 530 евра, колку што изнесува социјалната потрошувачка кошница, ќе добие само 172 евра.