• Fri. Nov 22nd, 2024

Жител на Богородица е жртвата на синоќешната сообраќајна несреќа на патот Гевгелија – Богданци

ByЃ. K.

Jan 20, 2024

Синоќа на ден Богојавление, Водици (19.1.2024 год.) се случи тешка сообраќајна несреќа кај Гевгелија во која животот го загуби едно лице, двајца се потешко повредени и 7-мина претрпеле полесни повреди. Во 19:30 часот во Полициската станица Гевгелија било пријавено дека на патот Гевгелија – Богданци, на мостот на реката Вардар, се случила сообраќајна несреќа.

Учесници на сообраќајната несреќа се 4 патнички моторни возила, две со марка „Мерцедес“ и по едно возило од марката „Опел Корса“ и „Хјундаи“. Возачите биле од Гевгелија, Богородица, с.Стојаково и Македонска Каменица.

Тоа се патничко возило „Мерцедес“ со регистарски таблички од друго возило, управувано од Б.М.(48) од Македонска Каменица, во кое превезувал и криумчарел седум лица мигранти од Сирија, патничко возило „Опел Корса“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од Б.Ј.(63) од с.Богородица, гевгелиско, патничко возило „Хјундаи“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од Д.Т.(42) од Гевгелија и патничко возило „Мерцедес“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од Ѓ.Ќ.(37) од с.Стојаково.

Во несреќата, од здобиените повреди починал Б.Ј., 63 годишен жител на Богородица, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош.Со тешки телесни повреди се здобиле возачот Б.М. кој превезувал мигранти и Е.Ј.(63), сопатничка во возилото „Опел Корса“.Со телесни повреди се здобиле 7-темина мигранти, констатирани во Општа болница во Гевгелија.

Увид на местото извршиле екипа на Полициската станица Гевгелија и јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот било дадено на обдукција.Синоќа беше затворен за сообраќај мостот на реката Вардар на патниот правец Гевгелија-Богданци, а сообраќајот се пренасочуваше преку с.Богородица.

By Ѓ. K.