Жените припаднички на турската националност во Василево се информираа за специјализираните советувалишни услуги и можностите како жртвите на родово засновано и семејно насилство да се справат со истото.
Неформалната средба на жените од турска националност се одржа вчера попладне со активистки на здружението Скај плус, координаторката за еднакви можности во општина Струмица и претставничка од организацијата Хера. Тие разговараа за различните форми на насилство, како да го препознаваат, каде да се обратат за информации, како да постапат?
Координаторката за еднакви можности во општина Струмица, Нела Масалковска, смета дека заедницата мора да соработува меѓусебно за важните прашања какво што е решавањето на родово-базираното насилство. Стручниот тим од здружението на граѓани „Скај плус“ подели и флаери со информации за услугите на Советувалиштето.
Скај плус од крајот на 2021г. ја обезбедува бесплатната услуга – советување на жртви на родово засновано и семејно насилство.
Вакви средби ќе се одржат во повеќе населени места со цел услугите да се доближат до што поголем број жени, а особено до оние кои живеат во руралните средини, лица со попречености и припаднички на етничките малцинства.
Промотивните активности се дел од проектот „Обезбедување бесплатна правна помош и психосоцијална поддршка за најмалку 200 жени припаднички на малцинствата и ранливите групи’’, финансиран од Европската Унија и имплементиран од страна на УН ВОМЕН и ХЕРА.