Женската популација во земјава зема 18 отсто помала плата од мажите за истите работни позиции. Просечната нето плата по вработен во јануари изнесува 24.517 денари, а жените според јазот во платите земаат за 18 отсто помалку. Секако ова е просек или т.н. неопределен јаз во платите меѓу мажите и жените, но сепак е показател дека овој феномен не е надминат, а состојбите, ниту во регионот, ниту во светски рамки не се во прилог на женското парично вреднување на извршување одредени работни задачи.
Повеќето жени во земјава избираат полесни работни позиции, често пати и скратено работно време за да можат по завршувањето на работниот ден да се посветат на нивната втора работа – грижата за домот, децата и постарите членови од нивното семејство, нешто за кое не добиваат паричен надомест.
Стеротипи има од најрана возраст, што треба да учат машките, а што женските деца, на кои факултети се запишуваат девојчињата, а на кои момчињата. Како проблем се посочува и тоа што различно се вреднуваат работните места на кои работат мажите и жените.
Еден од факторите е и разликата во обуките на жените, тие поради раѓањето деца и грижата за нив имаат почести прекини во својот професионален живот, на нивните работни места, што доведува до губење на работните вештини и способности во рамки на тој период на отсуство од работа.
Стереотипи има и во називите за исти работни места, доколку ги работи маж се нарекуваат на еден начин, ако ги работи жена на друг – готвачката станува шеф, секретарката персонален асистент, а фризерката стилист.