Државата до 2023 година да воспостави 10 центри за психосоцијално советување на жртви на семејно насилство и за семејствата, во кои ќе бидат вклучени и услуги за советување на сторителите на насилството, како и бесплатна правна помош. Да воспостави 4 кризни центри за жртви на семејно насилство и 4 центри за сместување на жртви на семејно насилство (засолништа), рамномерно распределени по регионите на земјата.
Ова се дел од обврските кои Северна Македонија се обврза да ги преземе со цел да изгради систем за заштита на жртвите од семејно насилство.
Системот беше презентиран на конференцијата организирана од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА. На неа се промовираше Документот за јавни политики: „Кои се инвестииите и минималните стандарди за заштита од родово засновано и семејно насилство?“.
„Државата да отвори дополнителни три центри за упатување на жртви на сексуално насилство во рамките на здравствените институции и да воспостави кризни центри за жртви на сексуално насилство раководени од граѓанска организација за советување, терапија. Државата да обезбедува годишен буџет за одржливост на специјализираните сервиси за жртви на семејно насилство и жртви на сексуално насилство, согласно методологијата за утврдување на трошоците за специјализираните услуги“, се вели во обврските.
Понатаму, Северна Македонија се задолжи да изготви и усвои минимални стандарди за специјализираните сервиси за жртви на родово засновано насилство и семејно насилство, согласно одредбите на Инстанбулската конвенција.
„Да воспостави систем на социјално договарање согласно социјалната реформа, преку што специјализираните сервиси ќе се раководат од граѓанските организации, согласно одредбите на Инстанбулската конвенција“, пренесува ХЕРА.
Според проценките, државата, односно Владата на РСМ и локалната самоуправа треба да обезбедат околу 70 милиони денари на годишно ниво за непречена работа на целиот систем.
На прес-конференцијата беа презентирани и наодите од Методологијата за утврдување на трошоците за специјализираните услуги за жени жртви на насилство, дефинирање на цените и проценка на цените за шест услуги’ кои беа изработени во соработка со Министерството за труд и социјална политика и граѓански организации.
Панелисти на конференцијата беа министерката за труд и соцјална политика Мила Царовска, Министерот за здравство Венко Филипче, раководителката на канцеларијата на UN Women, Весна Ивановиќ – Кастаред и програмската директорка на ХЕРА, Елизабета Божиноска.