• Sat. Nov 23rd, 2024

Димитров: „Ја поздравуваме одлуката на ЕУ да се обезбедат 70 милиони евра за регионот за да се покрие трошокот за вакцини за приоритетните групи и опремата за вакцинација“

Владата на Северна Македонија го поздравува денешното усвојување на пакетот од 70 милиони евра во рамки на Инструментот за претпристапна помош (ИПА II) за финансирање на пристапот на земјите од Западниот Балкан со вакцини против КОВИД-19, набавени од земји членки на ЕУ од страна на Европската комисија.

 „ЕУ е нашиот најважен и најблизок пријател во сите фази на пандемијата. Ја поздравуваме одлуката да се обезбедат 70 милиони евра за да се покрие трошокот за вакцини за приоритетните групи, како и опрема потребна за да се изврши вакцинацијата. Имајќи предвид дека вакцинирањето во земјите членки започна викендов, ќе следат засилени напори и координирање што треба да овозможат итен пристап до вакцини за Западниот Балкан како клучен исчекор кон завршување на пандемијата, вели Димитров.

Пакетот од 70 милиони евра ќе се исплаќа во форма на грантови кои ќе помогнат да се покријат трошоците за вакцините за приоритетните групи во регионот, како и за потребната опрема за вакцинација. Тоа ќе им овозможи на земјите од Западен Балкан да набават вакцини од Договорите за авансна набавка на ЕУ со шест производители, а одделни земји членки на ЕУ ќе споделат дел од нивните претходно доделени дози.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *