Соочувањето со големите мигрантски текови на надворешните граници на Европската Унија го поттикна создавањето на заеднички безбедносен систем, како и создавање на Европската агенција за безбедност на границите и крајбрежјето (ФРОНТЕКС). Успешното справување со големите кризи на Балканската мигрантска рута придонесе за јакнење на капацитетите на националните безбедносни системи во регионот, како и за воспоставување на тесна регионална соработка, што се покажа како многу значаен фактор за успех. Во отсуство на големи мигрантски текови, во последните две години значително беа зајакнати ресурсните капацитети на ФРОНТЕКС, која во текот на 2019 година се комплетираше со адекватна бројка од 10.000 активни агенти, соопшти Европско движење во Република Македонија, организатор на сесијата.
Темата на која е посветена Првата сесија е дел од содржините во Поглавјето 24 – Правда, Слобода и Безбедност. Се очекува да бидат разгледувани прашањата поврзани со новите политики на ЕУ во однос на безбедноста на надворешните граници, како и препораките за јакнење на националните гранични безбедносни системи и нивно интегрирање во Европскиот безбедносен систем.