• Fri. Nov 22nd, 2024

Дали политиката ќе го избрка Салах од репрезентацијата на Египет?

Сјајната сезона која зад себе ја остави Мохамед Салах може да заврши со шокантно пензионирање од националниот дрес на Египет на 26-годишна возраст. Неговата одлука се очекува да биде конечна по крајот на Светското првенство.

Испаѓањето од групната фаза без ниту еден освоен бод сигурно остави длабок траг на ова конфузно лето за Мохамед Салах, кое започна со повреда и пораз во финалето од Лигата на шампионите.

Она што започна со два гола на дебитантскиот натпревар за Ливерпул против Ватфорд, заврши со испаѓање уште во групната фаза од Светското првенство во Русија. Овој неуспех може само да му помогне на Салах во одлуката за ставање крај на репрезентативната кариера.

Во националниот камп на Египет се шират гласини дека „Египетскиот крал“ ќе стави крај на репрезентативната кариера, бидејќи не му се допаѓа начинот на кој неговиот лик и дело е подложен на пропаганда и експлоатација од страна на неговата и владите на голем број муслимански држави.

Поради тоа што е најпознатиот муслиман во светот, Мохамед Салах е констатно споменуван како пример за останатите муслимани од страна на државници со дискутабилни позадини. Еден од примерите за ова е оној со чеченскиот политичар Рамзан Кадиров, кој го пречека Салах кога тој пристигна во градот Грозни и го прошета наоколу, за потоа да го прогласи и за почесен жител на градот. Ова не би било проблем доколку Кадиров не беше толку контроверзен како политичар. Од репресивната политика на владата на Чеченија, преку проблемите со конфликтите помеѓу двете спротивставени страни од политичката сцена, па сѐ до проблематичното досие на Кадиров со човековите права, посебно со хомосексуалците.

Нормално, Салах не сака да биде предмет од интерес на луѓе кои не се залагаат за истите вредности како него, па затоа смета дека најдоброто и најбезболно решение е да се пензионира од националниот дрес. Тој не се согласува ниту со египетската влада и нејзината политика, а не е ни првиот фудбалер кој го имал тоа мислење. Нешто слично се случи и со Мохамед Абутрика, кој по несогласувањата со владата на Египет беше прогласен за баран терорист. Ситуацијата е до тоа ниво каде на фудбалерот Ахмед ел-Мергани му беше раскинат договорот со клубот откако на социјалните мрежи го нарече египетскиот претседател Сиси „неупотреблив“.

Што и да се случи до крајот на летото, веројатно би било најдобро за Мохамед Салах да се пензионира од националниот дрес. Но, тоа би ја „украло“ радоста во очите на искрените фудбалски навивачи.

Фудбалот отсекогаш бил поврзан со политиката. Дали се работи за Мусолини и неговата експлоатација на фудбалери, Берлускони со неговото постојано работење во двете сфери одеднаш или пак настојувањето на Ердоган и Сиси да бидат „недопирливи“ пред фудбалерите, фудбалот и политиката одамна одат рака под рака. Ако Салах се пензионира, тоа ќе биде тешко за него и за нас како фудбалски фанови, но веројатно ќе биде исправната одлука.

извор:www.kajgana.com.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *