Силното невреме во текот на ноќта во Љубљана, Крањ и Засавје поплави згради и патишта, а на релација Зидани Мост – Љубљана воз излета од шините и налета на одрон, додека друга лавина од камења делумно затрупа автобус, јавуваат РТВ Словенија.
Карпеста лавина делумно затрупа и оштети автобус на градилиште на патот Загорје на Сави-Литија, а двајца патници се полесно повредени.
Словенечките железници предупредуваат дека ќе има големи доцнења во патничките возови, а во прекин е и товарниот сообраќај.
Во текот на ноќта водата ги поплави зградите во Словенија, ветерот соборуваше дрвја и носеше покриви, а за санирање на последиците од невремето беа активирани 16 противпожарни единици.
Центарот за заштита и спасување извести за 39 инциденти каде што водата поплави објекти, а поплавен е и подвозникот на Целовска цеста, каде се заглави возило.
Во Литје невремето уништи дел од покривот на гимназијата. Во општина Загорје на Сава обилните врнежи поплавија три станбени куќи, ветерот собори дрвја и однесе покриви на некои згради, јавува РТВ Словенија.