Три општини во еден ден кажаа НЕ за родовата идеологија. Советите на Општина Дојран, Општина Василево и Општина Охрид на денешните седници направија промени во терминологијата на Програмите за еднакви можности меѓу мажите и жените исфрлајќи го терминот „родова еднаквост“.
Градоначалникот на Василево, Славе Андонов на својот Фејсбук профил напиша дека денес ставиле „крај на заблудите и манипулациите со родовата идеологија“ променувајќи го „Акцискиот план за родова еднаквост“ во „Акционен план за еднакви можости меѓу мажите и жените“. Истовремено Советот ги утврдил и дефинициите што е маж, а што е жена.
- Промените во акциониот план ги правиме бидејќи добив повеќе пораки од загрижени граѓани за тоа што значи родова еднаквост. Потребата се јави од новите предлог дефиниции во предлог закон кој родот го разликуваат од полот, а досега ние под родова еднаквост подразбиравме еднаквост помеѓу мажите и жените. Со новите текови во светот, род и пол е различно, што не е случај во моменталното законодавство во државата, а со предлог законот оваа заблуда се јави меѓу населението. Затоа од сега, па натаму, ние наместо за родова еднаквост ќе зборуваме за еднаквост меѓу жените и мажите. Дополнително со јасни дефиниции утврдивме што е жена, а што маж не оставајќи простор за манипулација со основни термини. Додека сум јас градоначалник континуирано ќе работам во подобрување на правата на жените. Жените мора да бидат рамноправни во општеството со мажите, напиша Андонов.
Овие општини се прикличија на листата со Ново Село и Гевгелија кои го заменија терминот „родова еднаквост“ со „еднаквост меѓу мажите и жените“.