Пред соборниот храм „Свети Сава“ во Белград веќе се собрани голем број верници каде српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски и македонски Стефан служат архиерејска литургија за воспоставување на „литургиско и канонско општење на двете сетрински цркви“, односно литургија на помирувањето. Присутни се и медиумите од Македонија, пренесуваат српските медиуми.
Патријархот на СПЦ Порфириј утрово ја пречека делегацијата на „Охридската архиепископија“ предводена од архиепископот Стефан во близина на храмот на Свети Сава во Врачар.
Поради присуството на српскиот патријарх Порфириј, но и поради самата значајност на настанот, околу храмот Свети Сава се распоредени припадници на специјалната полиција, кои ги претресуваат верниците и се грижат за безбедноста.
Македонските владици вчера беа пречекани со биење на камбани, а поглаварот на Српската православна црква на Инстаграм напиша:
„Како што ѕвонат ѕвоната на Светосавскиот храм, така и нашите срца бијат од радост поради овој благословен ден. Добредојдовте драги браќа! Добредојде брату архиепископе Стефан и владици. Добредојдовте во заедница на љубов, вие и сиот ваш богољубив народ. Браќа сме и само браќа!“