• Mon. Nov 25th, 2024

Вчера најмногу починати од ковид-19 во еден ден

By

Feb 5, 2022

Со новите 1.493 инфицирани, бројот на ковид-дијагностицирани од почетокот на епидемијата во земјава достигна 275 637. Во вчерашната статистика беа евидентирани 31 починат пациент, највисок број во новиот бран на заразата. Дополнително беа пријавени уште осум починати преку „Мој термин” за периодот од 26 до 31 јануари. Министерството за здравство соопшти дека сите 39 починати имале коморбидитети, а седуммина биле целосно вакцинирани.

Скратувањето на периодот на изолација на седум дена влијае на намалувањето на бројот на активни случаи – во државава има 12 764, половина  (6.834) се во Скопје. Речиси илјада (964) се во Битола, а над 400 активни имаат Куманово, Прилеп, Тетово и Кавадарци.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ) во соработка со ИТ-компанија ќе подготви нов електронски систем на доставување на решенијата за изолација на новозаразените откако биле разгледани неколку опции за поефикасно доставување и по објавите на медиумите дека ДСЗИ на неговата веб-страница јавно ќе ги објавува имињата, презимињата и адресите на новозаразените со ковид-19.

За новиот систем биле консултирани професори од Правниот факултет и стручни лица од Агенцијата за заштита на лични податоци за да бидат земени предвид позитивните законски прописи за заштита на личните податоци, а во таа насока претставници на Инспекторатот вчера имаа средба и со Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Според ДСЗИ, многу проблеми во пракса создава тоа што системот за процесирање и доставување на решенијата за изолација е обемен и застарен, а ситуацијата дополнително се комплицирала со новиот зголемен бран на новозаразени и скратувањето на роковите за изолација.

Министерството за надворешни работи вчера соопшти дека се олеснуваат мерките за влез на државјаните на Северна Македонија во Косово, Норвешка и во Бугарија. Со најновата одлука на Владата на Косово, која ќе стапи во сила денеска, се укинува барањето за нашите државјани при влез да приложат потврда за примена трета доза вакцина против коронавирусот. Нашите државјани може да влезат во Косово со сертификат за примени две дози антиковид-вакцини или една доза, но со ПЦР-тест.

Олеснети се мерките за влез и во Бугарија, кои предвидуваат приложување еден од следните документи: сертификат за примени две или три дози вакцина; сертификат за прележан ковид-19; негативен ПЦР или негативен антиген тест.

извор;https://www.mkd.mk/makedonija/obrazovanie-i-zdravstvo/vchera-najmnogu-pochinati-od-kovid-19-vo-eden-den

By

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *