• Fri. Nov 22nd, 2024

Во текот на ноќта се очекуваат снежни врнежи речиси во целата земја

Локалните врнежи од снег во вечерните и ноќните часови ќе се прошират насекаде, а позастапени и пообилни ќе бидат во западните делови. Само во крајните југоисточни подрачја врнежите ќе бидат од дожд и снег, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Во поголем дел од земјата ќе се формира снежна покривка, а во западните делови позначително ќе се зголеми. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.

За утре УХМР прогнозира сончево и студено време со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, особено по должината на Повардарието. Кон крајот на денот ќе настапи зголемување на облачноста. Минималната температура ќе биде во интервал од -7 до 0, а максималната ќе достигне од -2 до 6 степени. Во Скопје температурата утре ќе се движи од -4 до 3 степени.

За време на викендот и во почетокот на наредната седмица ќе преовладува претежно суво и многу студено време, со дневни температури кои во поголем дел од земјата ќе бидат под нулата. Ќе дува слаб до умерен, а по должината на Повардарието засилен северен ветер. В сабота ќе има локални слаби врнежи од снег.

Според мерењата од 16 часот денеска, најмногу снег има на Попова Шапка – 31 сантиметар, а најниска температура од 0 степени во Крива Паланка.

извор: Макфакс

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *