• Wed. Nov 27th, 2024

Во Струмица ќе биде отворена изложбата на цртежи и скици „МОНОКРАК“ на Ѓорги Динев

ByЃ. K.

Nov 18, 2023

Во сабота, 18 ноември 2023 година, со почеток во 21:00 часот во кафе бар „наГоре“ во Струмица ќе биде отворена изложбата на цртежи и скици „МОНОКРАК“ на Ѓорги Динев.

 Ова е осма изложба годинава на Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“, дел од проектот #ЅидНаУметноста кој има за цел да презентира актуелни ликовни уметници од Македонија пред струмичката јавност и сите заинтересирани за тековните визуелни достигнувања на нашата уметничка сцена.

Изложбата „Монокрак“ претставува уникатна можност за струмичани да се запознаат со монохроматските светови на Ѓорги Динев во еден неформален и алтернативен пристап. Неговите дела се препознатливи, начинот на кој си поигрува со мрачните простори, со темнината и од неа вади просторни димензии кои ја прекршуваат реалноста. Минималистичкиот посмодернистички пристап ги прави делата препознатливи, а неговиот уметнички израз автентичен и уникатен.

Цртежите и скиците се она што му претходи на големото дело, на големото платно кое е спремно да не го остави гледачот рамнодушен. Црната како основа, како внатрешна лава која продира во светлината и ја разоткрива формата, најчесто стилизирана до тотална едноставност која смирува. Суптилен поглед кон хаосот, кон магмата непознато, кон коридорите и тунелите на непознатото, линиите кои се поклопуваат, прекршуваат, симболите и геометриските форми кои продираат храбро во визуелниот простор – тоа се само основните елементи кои ги прават неговите дела нескромно кажано – совршени.

„Делата на Ѓорги Динев се структурални, енформелни, навидум хаотични, но во нивната структура владее совршен распоред. Беспрекорна е ликовноста во композицијата. Неговото сликарство е симбиоза на графичките техники и сликарскиот јазик. Ликовните закони не се секогаш во хармонија со визуелните закони на природата. Ликовниот свет е автономен, независен и како таков тој содржи во себе посебни кодови на идентификација. Идентитетот на едно ликовно дело се потврдува преку отисоците и трагите од самиот автор, креаторот. Неговата целосна предаденост во процесот. Тие отисоци се видливи во делата на младиот уметник Динев. Самата техника е трансцедентна, некласична. Цртежот како да е изгребан во ѕид. А бојата е монохромна алхемија.“ – ќе напише Никола Пијанманов за неговите дела.

Неговите дела се апстрахирање на реалноста, тие се енергични, кохерентни, сочувани и сеопфатни визуелни записи, а самите цртежи и скици ја најавуваат силата на големите дела, на неговото платнено „црно небо“.

__________________

Ѓорѓи Динев е роден на 27.02.1994 година во Струмица. Завршил средно уметничко училиште во Скопје во ДСУЛУД “Лазар Личеноски”, на смер графика. Дипломирал на факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2019 година на смер графика под менторство на проф. м-р Мирко Вујисиќ, а моментално е во тек со магистерски студии. Во 2020 станува член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија.

By Ѓ. K.