• Sun. Nov 24th, 2024

ВО МЦСР ГЕВГЕЛИЈА СЕ ЕВИДЕНТИРАНИ ШЕСТ ЖРТВИ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНАТА СОСТОЈБА ПОРАДИ КОВИД 19

Според податоците од Центарот за социјални работи во Гевгелија, во периодот од 11 март, кога се прогласи вонредната состојба па до крајот на месец март, во Центарот нема пријавено ниту една жртва на семејно насилство. Но, затоа пак, наредниот месец, во времето од 1 април до 30 април, Центарот бележи 6 новоевидентирани жртви. Од нив, 5 се жени а еден е маж, додека сите пријавени за семејно насилство се мажи.
Во време на вонредната состојба поради пандемијата со коронавирусот, домот за многу жени и деца, кои се жртви на семејно насилство и на интимно партнерско насилство, стана несигурно место на живеење. Со вонредните мерки, жените жртви на насилство и нивните деца (доколку ги имаат) се ставија во многу тешка и во некои случаи и во животно загрозувачка ситуација
Жртвата нема да каде да отиде, не може да избега од насилството со одење на работа, или кај пријатели, и е во текот на целиот ден изложена на насилството. Вонредната состојба го отежнува пристапот на жртвите до институциите за помош и заштита. Медицинските установи се борат да одговорат на коронавирусот, здравствените системи се преоптоварени, центрите за социјална работа работат со јавувања, што севкупно земено им го отежнува на жртвите пристапот до заштита, се вели во соопштението.
Според истражувањето на ОБСЕ за насилство врз жените во Македонија од 2019 година, 45 проценти од жените во државата искусиле психолошко, физичко или сексуално насилство од интимен партнер, додека само 2 отсто од жртвите ги пријавуваат најсериозните инциденти во полиција. Главни причини за ова, како што се наведува во соопштението од Мисијата на ОБСЕ, се срам, финансиска зависност од партнерите, недоверба во институциите и страв од повторување на насилството, како и традиционалното верување дека семејното насилство е лична работа.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *