Во нашата земја 121 здравствен работник се заболени од коронавирус, според податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Според последните информации, вкупниот број заболени достигна 854 случаи. Според местотото на живеење, случаи се регистрирани во 19 града во државата, повеќето од нив во Скопје и Куманово, а највисока смртност во Струга и Тетово, пренесува Макфакс.
Меѓу заболените 399 се машки, а 455 женски лица. Возраста на заболените се движи од 0 до 91 години. Најголем број заболени се на возраст од 50 до 59 години – 184.
Од пријавените случаи, 23,2 отсто се или биле хоспитализирани во текот на болеста, а другите случаи биле или се на домашно лекување и во домашна изолација, асимптоматски или со полесна клиничка слика.
Во однос на симптомите што се пријавени кај заболените лица, најчесто се регистрирани температура (63,9 отсто), кашлица (57,8 отсто), слабост (34,2 отсто), треска (18,9 отсто) болка во грлото (15,3 отсто), отежнато дишење (15,0 отсто) и главоболка (12,3 отсто).
Кај 261 или 30,6 отсто од дијагностицираните лица не се регистрирани симптоми на заболувањето.
Во однос на коморбидитети, кај 242 лица присутни се хронична/и здравствени состојби, од кои 161 лице имаат кардиоваскуларна болест, 50 лица се со хронична белодробна болест, 50 со дијабетес, 15 со хронична бубрежна болест и 37 со други хронични болести.
Од хоспитализираните случаи, кај 100 се присутни коморбидитети.
Според исходот од заболувањето, кај 753 лица се активни случаи, 44 случаи се водат ако оздравени, испишани од болница или се со два негативни теста по домашното лекување.
Регистрирани се 38 смртни случаи. Повеќето се на возраст над 60 години. Од починатите, кај 29 (76,4 отсто) се регистрирани коморбидитети.
Од вкупниот број случаи, 85 се импортирани, од нив едно лице е детектирано на точка на влез (Меѓународен аеродром „Скопје“). Вкупно 505 лица имале контакт со веќе потврден случај на Ковид-19 во државата.
Од 15 февруари тестирани се вкупно 8.552 материјали.Со ова во Северна Македонија се направени 4.133 теста на 1.000.000 жители.
Од позитивните случаи, регистрирани се 1.830 контакти, кои се следат или беа следени во период од 14 дена.