Општина Гевгелија го стави во функција новиот систем „Е-ДАНОК“ за електронска наплата на сите даночни обврзници во општината. Целта на веб-платформата е да се поедностави начинот на плаќање на сограѓаните, но и да се пратат светските трендови во работењето со платежните картички и новите начини и канали на плаќања.
Притоа, даночните обврзници на Општина Гевгелија потребно е да се најават на веб-страната https://edanoci.gevgelija.gov.mk, на која ќе можат бесплатно да ги користат електронските услуги: проверка на доспеан данок по основ на локален данок на имот, проверка на данок по основ за комунална такса за фирма, електронско плаќање на доспеаните локални даноци и комунални такси, еден кориснички профил за сите локални даноци на име на корисникот; плаќање со која било картичка, од каде било 24 часа на ден.
Како што истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, за овој проект Општина Гевгелија во изминатиот период работела напорно, како би се исполниле сите услови за ставање во функција на новиот систем, кој е поврзан со познатиот платежен систем КаСис.
Дополнително, ќе биде и објавено видео со инструкции за регистрација на системот „Е-данок“.