Во детските градинки во Општина Гевгелија,во рамките на ЈОУДГ „Детска радост“, згрижувањето на децата, по повторното отворање, се одвива без никакви проблеми. Се разбира, согласно протоколите и примена на сите заштитни мерки од Корона вирусот, бидејќи како што вели директорката на ЈОУДГ„Детска радост“, Елизабета Стефановска, здравјето на децата е во преден план. Тоа беше потврдено и од страна на работната група на Министерството за труд и социјална политика на РСМ која во петокот изврши надзор на згрижувањето и престојот на децата во градинките, како и почитување на протоколот за работа на градинките. Во градинките во Општина Гевгелија се згрижуваат 440 дечиња, согласно просторните и условите пропишани со протоколите. Имено, приоритет им беше даден на деца на самохрани вработени родители и деца на коишто двајцата родители се на работа, без можност за работа од дома. При приемот на децата, на сите вработени, родителите кои ги донесоа децата и на самите деца од страна на вработените им се мери температура, вработените носат задолжително маски, а се води сметка и за потребната дистанца. Претходно, а и во тек на работењето, се врши редовна дезинфекција на објектите, со цел да видат задоволени сите заштитни мерки. – Што е најважно, децата се радосни и повторно им се вратија на предвидените активности. Исто така, и нивните родители, така што на некои од нив им излеговме во пресрет за усгогласување на работните обврски и носењето на децата. Скоро и немавме реакции од родителите кои го прифатија задолжителното прегрупирање на децата. Имено, бројот на децата во групите е намален, во групите за јасли се згрижуваат до 6 деца, а во групите за градинка до 15 деца, објаснува Елизабета Стефановска. Во сите шест градинки, трите во Гевгелија, а другите три во: Негорци, Миравци и Богородица, по почетниот старт, работењето се одвива вообичаено, според новите здравствени предуслови. Се надевам, дека така ќе биде и во наредниот период, вели директорката на ЈОУДГ „Детска радост“.