Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, и делегацијата во чиј состав се Кочо Анѓушев, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, КрешникБектеши, министер за економија, Роберт Алаѓозовски, министер за култура, Виктор Димовски, државен секретар во Министерството за надворешни работи, и национален координатор за соработка со групата 16+1, како и Фатмир Бесимисоветникза економија и Митко Андреевски, советник за енергетика, во Кабинетот на Претседателот на Владата на Република Македонија, денеска ги отпочна активностите на официјалниот дел од агендата на овој значаен Самитот на шефови на влади за соработка на земјите од централна и источна Европа со Народна Република Кина соопштувааат од прес службата на Владата.
Премиерот Зоран Заевимаше свое обраќање на пленарната сесија на економскиот, трговскиот и финансиски форум на овој самит, познат и како 16+1, и ги претстави позициите на Република Македонија пред останатите претседатели на влади, учесници во самитот.
Во своето обраќање тој подвлече дека „живееме во време соочени со многу предизвици и дека тоа од лидерите бара фокусираност и работа насочена кон креирање на можности за економски развој и услови за унапредување на животниот стандард на граѓаните“, и дека со процесот на глобализацијата овие теми станаа исклучително важни.
„Сакам да истакнам дека Владата на Република Македонија ќе продолжи со активностите кои имаат за цел значително да ја подобрат бизнис климата, преку воспоставување на подобра институционална инфраструктура за привлекување на инвестиции, што ќе повлече забрзување на економскиот раст, развој на приватниот сектор и отворање на нови работни места“, посочи премиерот Заев пред присутните шефови на влади на земјите од централна и источна Европа, и пред највисоките владини претставници на Народна Република Кина.
Премиерот Заев во своето излагање оддаде признание за Варшавската иницијатива со оценка дека таа целосно ги остварила целите, кои, меѓу другото, обезбедија земјите од централна и источна Европа да прераснат во мост кој ги поврзува земјите од Западна Европа, Централна Азија и Кина. Овој потенцијал, нагласи премиерот Заев, е од извонредно значење за регионот и дека земјите во него треба да го искористат овој момент за реални и конкретни проекти кои ќе донесат економски раст.
„ Би сакале да бидеме вклучени во повеќе настани за промоција на нашата трговија во рамки на процесот за соработка 16+1. Би сакал да апелирам кон кинеските институции да продолжат уште повеќе да го промовираат принципот на трговски олеснувања, што треба да резултира со олеснет пристап на нашите производи до кинеските пазари и учество на саеми и други бизнис активности“, порача премиерот Заев.
Премиерот Заев ги информираше присутните на форумот дека Република Македонија ќе биде домаќин на неколку важни настани поврзани со процесот на соработка со Народна Република Кина како што е „Кина SEEC Координативен центар за културна соработка“.
„ Координативниот центар за култура ќе биде основан во јануари, 2018 година во Министерството за култура на Република Македонија. Би сакал да ве информирам дека нашата земја ќе биде домаќин и на 5-тиот Кинески симпозиум за соработка на земјите од централна и источна Европа, од висок ранг на тинк танк организации во 2018 година и на 4-тиот Состанок на министри за културна соработка во 2019“, најави премиерот Заев.
Во духот на соработката со Народна Република Кина премиерот Заев рече дека соработката, меѓудругото, се одвива во области како што се здравството и медицината и за таа цел со одлука на владата,во согласност со Законот за алтернативна и комплементарна медицина беше основан Центарот за традиционална кинеска медицина во Штип.
„ Дозволете ми да го истакнам моето силно уверување дека денешниот самит ќе обезбеди солидна основа за зголемување на соработката, а посебно за зајакнување на економските врски во духот на важноста што Народна Република Кина ја има за идната експанзија на економската соработка помеѓу земјите од нашиот регион“, заклучи премиерот Заев на крајот од своето обраќање на пленарната сесија во рамките на Самитот на шефови на влади за соработка на земјите од централна и источна Европа со Народна Република Кина, што се одржува во Будимпешта.