Во рамки на Програмата за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинствата, Министерството за економија одвои средства во вкупен износ од 70 милиони денари, а ќе бидат наменети за надоместок на дел од трошоците за граѓаните кои оваа година купиле и вградиле ПВЦ или алуминиумски прозорци, сончеви термални колекторски системи или фотонапонски електроцентрали за производство на електрична енергија до шест киловати за сопствена потрошувачка.
Како што најави министерот Крешник Бектеши на денешната прес-конференција, првпат оваа година, со цел диверзификација на изворите на енергија, изготвена е Програма за поттикнување на сигурноста во снабдувањето со природен гас во домаќинствата за 2023 година на жителите на Струмица и Куманово кои сакаат да се вклучат на гасоводна мрежа.