Во рамките на кампањата „Не игнорирај! Реагирај“ што ја спроведува Институтот за комуникациски студии, Скопје, се направи истражување што ќе се случува со биодиверзитетот на Огражден по отворањето на рудникот Иловица – Штука.
Територија од околу 1.000 хектари на планината Огражден каде се планира отворање на рудникот Иловица-Штука уште во 2003 година била прогласена за подрачје од посебно значење бидеќи таму се размножуваат ретки видови пеперутки какви што се крупно дамчестиот синец и аполоновата пеперутка. Еколози предупредуваат дека отворањето на рудниците може да го загрози опстанокот на овие видови, вклучувајќи го и на поточниот рак и лилјаците што живеат во ова подрачје.