Јавниот повик за организиран одмор на работници чии месечни примања во семејството не го надминуваат нето износот од 22.000 денари е објавен денеска и ќе трае до 30 август, а користењето на годишниот одмор ќе може да се реализира најдоцна до 30 ноември 2019 година.
Документите потребни за аплицирање се објавени на веб-страницата на Министерството за економија, како и деталите за потребната документација, а можат да се обезбедат и преку архивата на Министерството.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, рече дека со оглед на зголемениот интерес на граѓаните, и оваа година ќе продолжи мерката преку која на работниците со ниски примања им се овозможува користење на годишен одмор.
– „Оваа мерка ги постигна резултатите уште во првата година. Во 2018 година беа издадени над 1.700 потврди, што значи толку семејства искористија одмор во туристичките места низ државата, што резултираше со раст на бројот на домашни туристи во 2018 година за 12 %, во споредба со 2017. Притоа, најпосетени места беа Охрид, Попова Шапка, Маврово и Берово. Оваа година издвоивме 20.000.000 денари за оваа цел, така што сите вработени кои ги исполнуваат условите месечните примања во семејството да не надминуваат нето приход од вкупно 22.000 денари, ќе имаат право на субвенции од 15.000 денари. Корисниците на овие ваучери ќе имаат на располагање голем број категоризирани хотели во земјата за сместување кои се претходно пријавени во Министерството за економија и со кои имаме склучено договор за соработка“, истакна Бектеши.
За годинава, министерот за економија Крешник Бектеши посочи дека листата на хотели со кои Министерството склучило договори за прием на годишноодморци од таквата категорија на работници со ниски лични примања, се во хотелските капацитето во Струга, Охрид, Попова шапка, Берово, Дојран и Преспа.