Ангеловска: Мерката 14.500 денари плата по вработен се однесува на сите фирми погодени од коронакризата, како и на самостојните вршители на дејност
9 април 2020, Скопје – Мерката 14.500 денари плата по вработен се однесува на сите фирми кои се погодени од коронакризата, како и на самостојните вршители на дејност, аплицирањето е лесно, условите едноствани, истакна министерката за финансии Нина Ангеловска во гостување на емисијата „Економски магазин“.
Таа посочува дека забуна е што се смета дека овие средства се наменети за исплата на нето плата. Ангеловска го посочува Законот за работни односи согласно кој во услови на прекин на работните услови во виша сила фирмите можат да исплаќаат 50% од плата, согласно што во угостителскиот сектор каде просечна нето плата е 18.000 денари, со средствата од мерката се покрива серсвисирање и на платата и на придонесите.
– Законот за работни односи, член 112 вели дека во прекин на работен однос може да се пуштат работниците со 70% плата, во случај на виша сила може да се пуштат со 50% плата. Значи ако разговараме за угостителскиот сектор, кој според Државниот завод за статистика вработува 30.000 лица кои имаат бруто плата од 26.000 денари и нето плата од 18.000 денари за 2019, компаниите за да ги задржат работниците ги пуштиле дома со 50%, тоа значи дека тие имаат нето плата од 9.000 денари. Нето плата од 9.000 денари со придонеси и персонален данок изнесува 14.500 денари, што значи дека во овој случај мерката ја покрива комплетно таа плата од 50% за тие компании кои веќе го направиле тоа. – вели Ангеловска.