Здружението на историчарите на Македонија бара да не се изучува предметот Историја во наставните програми за шестто одделение интегрирано со предметите Географија и Граѓанско Општество. Од таму сметаат дека новата Концепцијата за основно образование.штетна и брааат да се стави мораториум.
– Како Здружениена историчарите на Република Македонија, чијашто повеќе од седумдецениска дејност меѓу другото е насочена кон развојот на македонската историографија и унапредувањето на квалитетот на наставата во македонската историја, потсетуваме дека многупати и тоа во повеќе форми, јавно предупредивме на негативните импликации од крајно избрзано донесената Концепција за основно образование, која што беше целосно отфрлена од сите релевантни научни и високообразовни институции, стои во реакцијата.
Од Здружението велат дека одбиле да учествуваат во подготовката поради спорната нова Концепција.
– На тој начин го изразуваме категоричното противење што со Концепцијата е укинат предметот Историја (воведен во македонската држава од АСНОМ), за сметка на погрешно конципираниот и новоконструиран предмет „Историја и општество“, во кој вештачки се интегрирани предметите историја, граѓанското образование и географија. Досегашната практика на примената на Концепцијата, недвосмислено ги потврдува нашите претходни оценки дека историјата се маргинализира и деградира, со што се оневозможува суштинското согледување на минатото, од што зависи и иднината на македонската држава. Особено што во Европската унија, каде како демократска држава припаѓаме и чиишто фундаментални вредности ги споделуваме, во суштина историјата како предмет го дефинира идентитетот и свеста за припадноста кон нацијата, се наведува во реакцијата.
Од таму стравуваат дека и работни места се доведени во прашање поради кратењето на бројот на часови по историја, како што велат, поради непромислените новоконципирани наставнипланови и програми, со што во крајна линија се ревидира и содржината на македонската историја.
– Предупредуваме дека повторувањето на досегашната практика на избрзано донесување на нови наставни програми за историјата во последен момент, а во конкретниот случај за наставната програма за VI одделение за вештачки конструираниот предмет „Историја и општество“, од што ќе треба да произлезе и експресната подготовка на новиот ревидиран учебник, ќе предизвика крајно штетни последици за македонскиот образовен систем, на што најостро ќе реагираме!, велат историчарите
Тие бараат од Министерството за образование и наука да стави мораториум на Концепцијата и под итно да организира широка јавна дебата.
– Усвојувањето на новата Концепција, ќе мора да го одразува научниот, академски и општествен консензус. Само на овој начин, ќе може да се промовира квалитетот во македонското образование, од што ќе произлезат наставни програми и учебници кои ќе бидат на потребното научно и академско ниво, во интерес на учениците, родителите, граѓаните и на државата, а не подредени на задоволување на моменталните политички цели, порачува Здружението.