Со одржувањето на Ликовната изложба на Друштвото на ликовни уметници од Гевгелија и промоција на книгите „Со зрно сол и парче локум“ и „Кога татковината станува чедо, а вистинска борба“ од проф. д-р Васко Шутаров, денеска (26 мај 2023), ќе заврши културното чествување на Спасовден, Патрониот празник на општина Гевгелија, во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, а под покровителство на Општина Гевгелија.
Годишната изложба на ДЛУГ по повод Спасовден ќе биде отворена во Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 19:00 часот. На изложбата, ќе бидат застапени делата на: Јордан Јанев, Атанас Крстов, Драги Хаџи- Николов, Катерина Чугунска, Фило Танов, Александар Јанев, Горан Јованов, Мирјана Крстева Массетти, Перо Кованцалиев, Вангел Срнаков, Иван Кал’чев, Ана Марија Митриќеска Кал’чева, Михаил Петров, Гордана Петрова, Ана Петрова и Адриана Манчева. По Изложбата на ДЛУГ, во хотел „Аполонија“, со почеток во 20:00 часот, следува промоцијата на третата и четвртата книга, авторски дела на Шутаров. Промотори на книгите се Елка Јачева-Улчар, Бранко Цветкоски и Ирина Димовска.
Изминатите два дена, Спасовден се чествуваше во духот на традиционалната и современата уметност. Домот на културата „Македонија“- Гевгелија имаше програма за сечиј вкус и секоја генерација, за сите гевгеличани- од чаршиска народна песна и музика до модерна танцова претстава. Се пееше гевгелиската химна „Трби, трби гевгелиско“, традиционалниот белег на „Распеана чаршија“, се распосла народната песна и музика од вокалите на пејачите и звукот на инструментите по улиците и отвореното небо над Гевгелија со дефилето и настапите на КУД „Распеани гевгеличани“ и годинашните учесници- распеани чаршијци од: Крива Паланка, Валандово, Штип, Струмица, Свети Николе и Велес. Се танцуваше на сцената во Големата сала на Народниот театар- Гевгелија, во име на женскиот пол, за лицата од ранливите категории поради предрасудите и проблемите со кои се соочуваат младите во денешницата. Таков спектакл им приредија на гевгеличани Скопје танцов театар со претстaвата „Табу Република“, во режија на Бобан Русески, а во продукција на Интерарт културен театар, велат од Дом на културата.