• Sat. Nov 23rd, 2024

Затворска казна за полицаец

затворска казна за полицаец

Затворска казна за полицаец изрече основниот Кривичен Суд Скопје. На 30.05.2022 година донесе пресуда со која го прогласи виновен Г.П. Полицискиот службеник вработен во СВР Битола е прогласен за виновен и го осуди на казна затвор во траење од една година.

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и Хелсиншкиот Комитет за човекови права информираат дека Основниот Кривичен Суд Скопје, по пресуда на Апелациониот суд со која беше укината првостепена пресуда. Во повторно судење донесе идентична пресуда со која полицискиот службеник Г.П вработен во СВР Битола се прогласува за виновен. Истиот се осудува на казна затвор во траење од една година за делото ,,Малтретирање во вршење на службата” – член 143 од Кривичниот законик.

Во повторното судење се изведени докази од страна на одбраната кои не биле прифатени во текот на претходното судење. Во врска со настанот, идентично како и во претходната пресуда, судот наведува дека полицискиот службеник го малтретирал оштетениот Н.Ј. Спрема истиот постапил на начин што се понижува човечкото достоинство и човечката личност.

Со тоа во целост е исполнето законското битие на кривичното дело кое на обвинетиот му се става на товар со обвинителниот предлог.

Судот утврдил дека на 21.09.2020 година околу 01:00 часот на ул.Никола Тесла во Битола, обвинетиот како службено лице-униформиран полициски службеник во вршење на службата го малтретирал оштетниот Н.Ј. Го малтретирал на начин што при обезбедување на лице место по случена сообраќајна незгода употребил прекумерна сила. Спрема оштетениот употребил полуга на левата и десната рака, го турнал на земјата. Додека оштетениот бил легнат на земјата обвиниетиот го удирал до клоци и тупаници по телото во пределот на главата, по рацете, по нозете, по грбот со што употребил прекумерна сила. Спрема оштетениот постапил на начин на кој се понижува човечкото достоинство и човечката личност.

Одржани се неколку рочишта на кои се сослушани неколку сведоци, оштетениот, доктор по општа медицина како и сведоци на одбраната. Изведени се и повеќе докази помеѓу кои и видео материјал. Од видеото судот неспорно утврдил дека бил употребен зафатот од обвинетиот за совладување на оштетениот. Тој додека бил совладан и соборен на земја, обвинетиот продолжил да го удира оштетениот. Со тупаници и со клоци по телото и главата го удирал оштетениот додека лежел на земја.

И покрај тоа што одбраната се повикува на агресивното однесување на оштетениот спрема полициските службеници, судот ги отфрлил ваквите наводи. Судот образложил дека “околноста дека оштетениот критичниот момент бил под дејство на алкохол и агресивно се однесувалн не претставува оправдување. Истите не претставуваат основ за ослободување на обвинетиот од кривична одговорност. Обвинетиот, иако оштетениот бил совладан, продолжил да го клоца по телото и главата повеќе пати применувајќи прекумерна сила”.

МЗМП и Хелсиншкиот Комитет ја поздравуваат ваквата одлуката на судот особено имајќи ја во предвид неприкосновеноста на индивидуалната слобода.

Судот во пресудата истакна дека при одмерување на казната особено ги зел во предвид повредата на заштитеното добро на оштетениот. Тоа се слободите и правата на оштетениот, како и зачестеноста на ваквиот вид на кривични дела, како отежнувачки околности.

Истакнуваме дека ваквиот став на судот и при повторното судење, е од енормно значење. Ова е меѓу првите првостепени пресуди каде се изрекува ефективна казна затвор за полициски службеник по член 143 од Кривичниот законик. Досегашна судска пракса е изрекување на условна осуда за полициските службеници дури кога е утврдено прекршување на законот.

Оттука, целосно го поддржуваме ставот на Судот дека во конкретниот случај со изречената казна затвор во траење од една година ќе бидат постигнати целите на казнувањето од аспект на генерална и специјална превенција.

Оштетениот е застапуван од адвокат Татјана Донеска од Скопје, член на тимот на адвокати на Македонското здружение на млади правници.

извор: Хелсинишки комитет за човекови права

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *