Денеска се навршуваат седум години без Иван Василевски. Во сеќавање на големиот поет, неговата „Заточени души“.
ЗАТОЧЕНИ ДУШИ
Намислата, скршена гранка, ’рполец, стуткала
опаш крај брегот. Ко приземна магла во лесот
Боже, сè полош е светот! Сал темните флуиди
на духот го туркаат каменот на Сизиф. А долу,
под ридот, твојата душа послала сенка. Уште
вилнее да брсти негде во вселената. И немушто
татни од шумскиот бунар судот на страшниот
Рилке. Зарем некој уште за победи зборува?
Да се издржи! Имаме ли храброст за подвиг?
А за поразите молчиме. Мракот на бело знаме
витае, како нестварен страв од цибрина. Растока
по молкот што клука. Стихија. Шума на камена
друма. Од неума. Густеж што подмолно штипе
по врв вишна ума, по душите стопени во оловна
тага. Пат што тоне во надирот. Зенитот го нема
во лачот на вечноста. Ание сме во минливоста
Си спрострел черга под тремот, небаре небесна
патека. Магла што повасува на ранина. Опомена
Не утече од мислата да се изедначиш во смртта
и да талнеш во светлосниот тунел што огрева
во друг универзум. Зар немаше ништо разумно
да те спаси? А мене веќе ништо не ме исполнува
Само пространа празнина ми ја пустоши душата
и болест што го прекројува редот во вселената
Боже, сè полош е светот. Во густа супстанција ќе
заспијам, во седма димензија ќе сонувам. Темни
флуиди на духот ќе го туркаат каменот на Сизиф
до крајот на времето. А за поразите ќе молчиме