На 26 септември 2022 година во Дојран, деветнаесет млади луѓе, идни потенцијални претприемачи, под менторство на докажани и реномирани професори, претприемачи и експерти го започнаа своето седумдневно патување насловено како „Камп за претприемништво и иновации за млади“ во насока на подобрување на своите претприемачки вештини, стекнување на нови знаења и нови искуства.
Запознавање со основите на претприемништво, важноста на деловната комуникација и бизнис планот беа дел од темите кои на самите почетоци од Кампот беа разработени преку интерактивни предавања, работа во парови и групи, најразлични игри и вежби преку кои учесниците ќе можат да развијат специфични вештини кои се неопходни за основање сопствен бизнис.
Учесниците, преку овој камп, ќе можат да се вмрежуват и да запознаат други талентирани млади луѓе од регионот, а сето тоа преку организирање и одржување на забавни и мотивирачки содржини и активности.
Под мотото „Никогаш не престанувај да креираш“, Г-нот Филип Чаловски, познат менаџер по гастрономија и сопственик на успешен бизнис, се потруди да им го пренесе своето искуство во областа на претприемништвото, со цел да се изградат во сопствени брендови, да креираат и да творат и со тоа да остават свој печат и бенефит за целото општество.
Во наредните денови од Кампот, учесниците поинтензивно ќе работат во групи на разработка на своите деловни идеи преку подготовка на Бизнис планови и на крај нивно презентирање.
Кампот за претприемништво и иновации за млади ќе трае до Недела, 2-ри октомври, а е организиран во рамките на проектот „Бизнис екосистем како интегриран систем“, финансиран од Европска Унија и Националните Фондови на земјите учеснички преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција – Р. Македонија 2014-2020.