Во интервју за бриселскиот магазин „Политико“, македонскиот премиер предупредува дека репутацијата на ЕУ на Балканот е загрозена. Тој е оптимист дека тоа може да се поправи со брзо отворање на преговорите за членство.
Премиерот на С. Македонија, Зоран Заев, оценува дека фрустрациите околу блокираните преговори со ЕУ и колапсот со испораката на вакцини им даваат простор на Русија и на Кина на Балканот.
Заев ја предупреди ЕУ дека нејзината репутација ќе „добие удар на Балканот и ќе го загуби местото пред ривалските сили ако наскоро не започне преговори за членство со Северна Македонија и со Албанија“.
„Доколку патот на регионот во ЕУ успори тоа ќе отвори повеќе простор за другите сили, особено за Русија и за Кина. Ако ЕУ не ги исполни своите ветувања во овој регион тоа ќе биде помал поттик за Косово и за Србија да најдат решение во разговорите кои ги спонзорира ЕУ и ќе направи да биде помалку веројатно БиХ да ги спроведе потребните реформи“, вели Заев.