• Sun. Nov 24th, 2024

Заев по повод 9 Мај – Ден на Европа: Нашиот природен дом е Европската Унија

By

May 9, 2021

Премиерот Зоран Заев, се обрати по повод 9 Мај – Денот на Европа. Тој кажа дека денеска се одбележуваат два крупни настани, дека и покрај Денот на Европа, е Денот на победата над фашизмот.

За Денот на Европа, рече дека местото на Северна Македонија е во Европската Унија меѓу просперитетните европски нации.
„Денеска одбележуваме еден голем датум за два крупни настани во историјата на Европа и на нашата земја – 9 Мај, Ден на победата над фашизмот и Ден на Европа.

Датум, впишан со златни букви во историјата на напредна Европа, како датум за паметење на милионите жртви. Датум за чествување на големото дело на прогресивните сили со кое беше поразено најголемото зло – фашизмот, кој по Втората светска војна зад себе остави ужас и рушевини на нашиот континент и во светот.

Токму низ овој вител на војната се издигна и македонската државност, водена од начелата за правда, солидарност и еднаквост. Во темелот на македонската државност се вградени заложбите, напорите и саможртвата на огромен број генерации на борци, кои не се штедеа себеси, ниту својата младост и своите животи.

Врз пепелот и чадот од војната кој сè уште се креваше над домовите на Европејците и на македонските граѓани, на 9 мај 1950 година францускиот министер за надворешни работи, Роберт Шуман, повика да почне изградбата на нова Европа.

Започна остварувањето на една визија за напредна и прогресивна Европа, за реализација на  идејата за Европската Унија, во која лидерите на европските земји избраа сите разлики да ги решаваат на масата, а не на воените боишта.

Денес, Република Северна Македонија е меѓународно призната држава со сите постулати на државност, со кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Горди сме на нашето учество во големата светска антифашистичка коалиција и затоа имаме силни причини да славиме и да бидеме дел од одбележувањата ширум Европа.

Македонската држава е втемелена врз начелата на правдата и слободата, и е дом за сите нејзини граѓани без исклучок, обединети и единствени во изборот околу европските вредности. 

Оваа генерација направи непоколеблив избор со членството во НАТО и силно ја потврди определбата за напредок и благосостојба во европското семејство, во Европската Унија.

Нашиот природен дом е Европската Унија меѓу просперитетните европски нации.
Нека ни е честит – 9 Мај, Ден на Европа!-рече Заев.

извор:https://mk.tv21.tv/zaev-po-povod-9-maj-den-na-evropa-nashiot-priroden-dom-e-evropskata-unija/

By

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *