Премиерот Зоран Заев, придружуван од заменик-претседателот во Владата за европски прашања, Никола Димитров, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, и шефицата на Постојаната мисија на Северна Македонија во ЕУ, Агнеза Руси-Поповска, денеска во Брисел се сретна со еврокомесарот за соседска политика и проширување на ЕУ, Оливер Вархељи.
Еврокомесарот Вархељи ја пречека македонската делегација со пораката дека неговата цел, како и целта на Европската комисија, е за време на актуелното португалско претседавање со ЕУ да се прифати преговарачката рамка за Северна Македонија и да се одржи првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите за членство на земјата во ЕУ.
Вархељи додаде дека ЕУ е посветена на Западен Балкан и дека денес по 2,5 години, во Советот на министрите за надворешни работи на членките на ЕУ се води стратешка дебата за Западен Балкан, во која деблокадата на европскиот пат на Северна Македонија е приоритет број 1 и дека Брисел ги вложува сите напори и ги поддржува сите идеи за решенија со цел да деблокира овој процес.