• Fri. Nov 22nd, 2024

За сиромашните нема вакцини. Ова е забелешката на специјалниот пратеник на Светската здравствена организација (СЗО) за Ковид-19, Дејвид Набаро. Тој повика на поголема еднаквост во дистрибуцијата на вакцините низ целиот свет. Британскиот лекар за Скај Њуз изјави дека е „апсолутно разбирливо“ тоа што Велика Британија обезбедила големи залихи на вакцини. Но, сепак истакна дека нејзината влада треба да започне да размислува да ги испраќа во земјите во развој. Особено бидејќи најранливиот дел од британската популација е вакциниран.

„Сметам дека залихите треба да се дистрибуираат во други земји. Кога ќе заврши вакцинацијата на лица постари од 50 години“, рече Набаро, како што пренесе Гардијан.

Тој додаде дека секој премиер, секоја пратеничка група треба да формира свое мислење, но „навистина големото прашање е што е најдобро за економијата, општеството и како ќе бидат запаметени за 10 до 20 години“.

„Дали сакаме да останеме запаметени како генерација во која оние коишто имаа пари го вакцинираа своето население, а оние коишто немаа мораа да се справат со драматичното зголемување на смртноста кај здравствените работници? Не верувам во тоа. Сметам дека на тој начин ниту еден поединец не сака да биде запаметен кога ќе погледне наназад”, рече Набаро.

Неправедна дистрибуција на вакцините

Слична забелешка пред неколку седмици упати и генералниот директор на СЗО, Тедрос Гебрејсус.
Светот е на работ на катастрофален морален пад во дистрибуцијата на вакцини против Ковид-19. Ова го изјави во јануари генералниот директор на Светската здравствена организација. (СЗО), Тедрос Гебрејсус. Првиот човек на СЗО обвини за неправедна дистрибуција на вакцините против Ковид-19. Ги повика земјите и производителите на поправедна дистрибуција на вакцините низ целиот свет.

Гебрејсус рече дека изгледите за фер дистрибуција се под сериозен ризик. Оваа неправедна дистрибуција на вакцините ќе биде на тест токму сега. Особено затоа што програмата на СЗО за дистрибуција на вакцини „Ковакс“ прави подготовки да започне со дистрибуција. Тој истакна дека минатата година биле потпишани 44 билатерални договори, а годинава најмалку 12.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *