Додека светот затвора граници и го стеснува општествениот живот, очигледно за музиката нема пандемија. Барем според успесите што секојдневно ги нижат младите музичари од основното музичко училиште „Боро Џони“. Младите талентирани ученички Магдалена Мучева на пијано и Матеа Димова на виолина деновиве освоија второ место на меѓународен натпревар. Станува збор за „Rocky Mountain Music Competition“ во Канада. Поради пандемијата со Ковид-19 натпреварот се одржа оналјн. Учествуваа повеќе од 300 млади музичари од целиот свет.
Дека за музиката нема пандемија ни потврдија и наставничките. Менторките на овие ученички, Ана Тимова и Костадинка Ончева, изминатите месеци неуморно работеа на нови композиции заедно со децата. Велат дека на тој начин полесно го надминуваат притисокот на секојдневието што секој ден е поизразен поради целогодишното невообичаено функционирање. Патем, овој не е прв натпревар во пандемиски услови, а ниту последен. Оваа година и покрај пандемијата, љубовта кон работата, музиката и нивните ученици уште повеќе ги мотивираше и активираше во насока на покажување добри резултати. Формираниот дует со ученичките Магдалена Мучева која свири на пијано и Матеа Димова која свири на виолина е полн погодок. Ученичките освоија три први награди на реномираните меѓународни натпревари во Скопје и Штип и во Парма, Италија.
Ученичките заедно со менторките се подготвуваат за уште едне меѓународен натпревар, во Италија.