Месечните трошоци на едно четиричлено семејство во јануари годинава се зголемени за 19.425 денари повеќе во однос на јануари минатата година. Според Сојузот на синдикати (ССМ), во јануари 2022 за да се задоволи потрошувачката кошничка биле потребни 31.811 денари, кон средината на годината трошокот достигнал 43.163 денари, а во декември 51.234 денари. Многу граѓани сè уште не се опоравуваат од новогодишните трошоци кои годинава беа далеку поскромни. Според синдикатите, единствен начин за справување со економската криза би било зголемување на платите.
Во меѓувреме, според Народна банка на Македонија, годинава се планира да има инфлација до 9%. Просечната инфлација за 2022 година изнесуваше 14,3%. Владата пак, при предлог-буџетот предвиде инфлација од 7,1%. ММФ прогнозира дека 2023 ќе биде тешка година и оти 1/3 од светската економија ќе биде во рецесија. За споредба, инфлацијата во еврозоната во просек изнесуваше 10,6%. Стапката на инфлација во Германија, по 11,6% во октомври, во ноември се намали на 11,3%. Во Македонија инфлацијата во октомври изнесуваше високи 19,8%, додека во ноември има незначително намалување на 19,5%.
Според податоците на Светска банка, вкупниот извоз и увоз на стоки и услуги на Македонија е 148% од бруто домашниот производ. Во 27-те земји на ЕУ просекот е 97%, а во САД само 26%. Македонија, земја со ниски приходи, по три децении не може да се одвои од малкуте земји кои останаа на дното на европската листа. Трошоците на едно просечно домаќинство за храна и енергија во овие земји сочинуваат значително поголем процент од вкупните месечни расходи. На пример, во Македонија со над 50%, додека во ЕУ за храна и енергија се трошат само околу 35% од месечните приходи.