• Fri. Nov 22nd, 2024

За девет предмети ќе се бара екстрадиција на Груевски, Македонија ќе ја убедува Унгарија ветувајќи добри услови во затворот каде ќе го сместат

Ново барање за екстрадиција на експремиерот Никола Груевски ќе биде упатено од министерот за правда Кренар Лога. Тој посочи дека со писмото до Унгарија, каде Груевски е азилант, ќе ги убедува тамошните власти дека осудениот ќе биде сместен во соодветни услови, како во притвор, така и во затвор каде треба да издржува затворски казни согласно пресудите за предметите од СЈО.

„За девет предмети треба да одговара пред домашните судови. Ќе побарам уште еднаш екстрадиција на Груевски. Во делот на писмото ќе биде наведено дека ќе биде преместен во хашките ќелии, како во притвор, така и во затвор. Сметам дека тоа ќе биде прифатено за унгарските власти, односно дека ќе бидат исполнети сите законски обврски“, кажа Лога.

Освен за Груевски, екстрадиција е побарана и за Ексначалникот на Петтата управа во МВР Горан Грујовски и неговиот соработник Никола Бошковски од Управата за безбедност и контраразузнавање. Двајцата се гонат за случајот „Таргет-тврдина“.

„Ставот мој е кажан и на средба со амбасадорката на Република Грција, ние уште еднаш бараме екстрадиција на лицата за еднаш засекогаш да ја добијат соодветната правда за нив, но и сите почитувања на правната држава да бидат остварени не само на хартија туку и вистински“, додава Лога.