Во вторник истекува рокот за пријавување за субвенциониран студентски оброк.
На 31 август истекува рокот за аплицирање за субвенциониран студентски оброк наменет за сите редовни студенти на државните и приватните универзитети во државата.
„Ги повикуваме тековните студенти, денеска и утре да го завршат пријавувањето, за да може првата уплата во износ од 2.400 денари, да ја добијат на почетокот на октомври годинава. Следниот рок за аплицирање за оваа субвенција е од 1 до 31 октомври 2021 година, за студентите од новата академска година и оние кои не го запишале летниот семестар“, соопшти Министерството за образование и наука.
Начинот на аплицирање е електронски преку порталот www.e-uslugi.mon.gov.mk со прикачување на два документи – пријава и изјава за точност на податоци и се наведуваат податоци за лична трансакциска сметка.
Со субвенционираниот студентски оброк, студентите добиваат по 2.400 денари 9 месеци во годината, средства наменети за купување здрави оброци. Според проценките на МОН, се очекува ова право да го искористат околу 40.000 студенти.
До сега за користење на субвенционираниот студентски оброк пријавени се 15.627 студенти.