• Fri. Nov 22nd, 2024

Во Струмица ќе се одржи промоција на романот „Трамонтана“ од Наташа Сарџоска

Друштвото за наука, литература, култура и ументост „Иван Василевски“, во вторник, во градската галерија во Струмица ќе го промовира романот на авторката Наташа Сарџоска, Трамонтана. Станува збор за психолошки, длабоко интимен роман, во кој ги следиме двата женски лика Алма и Алба и нивните внатрешни борби во светот полн неправда и лицемерие.

Животот се полни целосно токму во празнината.Има убавина и во неприпаѓањето. Во тоа да бидеш етер. Да бидеш трамонтана – каталонскиот ветер кој носи сè пред себе. Има убавина и во зборувањето за неприпаѓањето. На начинот на кој Наташа Сарџоска, пишувајќи за празнината, нѐ носи отаде празнината.

Алма е истовремено некој и нешто, никој и ништо. Нејзината добро платена дипломатска работа ја измачува со лицемерноста што се крие зад големите хуманитарни проекти. Темнина скриена зад име кое значи светлина. Не припаѓајќи никому, слободна и невидлива е во Париз, градот што никогаш никого не прима. Наспроти неа, Алба им припаѓа на сите, но не и себеси. Живее скриена зад името кое значи бели мугри, а одвај чека да се засолни во темнината на ноќта. Нивната средба во Охрид, градот кој умее да прими несебично и топло, ќе им ги промени судбините.Сите ние понекогаш ја чувствуваме празнината – сеопфатна и застрашувачка. Потребна е храброст да се соочиме со неа. Ако, пак, ја прифатиме, ни ги открива одговорите на најважните животни прашања. А потоа низ неа јурнува трамонтаната, која нѐ прочистува и му дава нова смисла на животот.

Наташа Сарџоска е родена во Скопје 1979 година. Дипломирала италијански јазик и компаративна книжевност со француски јазик на Филолошкиот факултет во Скопје, а магистрирала во рамки на програмата „Еразмус“ книжевност, културолошки студии и комуникации на Универзитетот во Лисабон, Бергамо и Перпињан. Докторирала антропологија на Универзитетот во Тубинген, на Нова Сорбона во Париз и на Унивезрзитетот во Бергамо. Предава на Меѓународниот универзитет „Шилер“ во Хајделберг Германија. Автор е на повеќе книги поезија кои се преведи и објавени во над 15 земји во светот. Преведува проза и поезија од стотина автори од италијански, француски, португалски, шпански и каталонски јазик на македонски. 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *