Во недела во Градашорци ќе се одржи традиционалната манифестација Ден на празот, а присутните ќе ги забавува групата Некст Тајм. Браќата близнаци Мартин и Стефан Филиповски со изведба на македонските изворни песни, по чии преработки станаа особено популарни изминатите години, ќе ја надополнат атмосферата на оваа манифестација.
Веста ја објави градоначалникот на Општина Василево, Славе Андонов. Тој потсети дека настанот се организира за промоција на празот како заштитна култура на село Градашорци. Овде се произведуваат големи количини праз, иако со текот на годините паѓа интересот на граѓаните поради незадоволителната откупна цена.