Археолошкото наоѓалиште св.40 Севастиски Маченици, манастирите во Вељуса и во Водоча, како и црковните храмови Свети Кирил и Методиј и св.15 Тивериополски свештеномаченици кои се прогласени објекти за културно наследство на Македонија, заедно со уште вкупно 700 цркви и манастири ќе бидат дел од мониторингот за православно културно наследство.
Точен увид во состојбата на зачуваноста на православните добра и потребата од заштитни интервенции на црквите и манастирите во државава е целта на мониторингот кој ќе го спроведува Националниот комитет на Меѓународниот совет за споменици и локалитети ИКОМОС Македонија, во соработка со Македонската Православна Црква – Охридска Архепископија. Поглаварот на МПЦ г.г. Стефан, вели дека тимовите ќе треба да направат попис на православното наследство, но и да ја потврдат или да предложат измена во категоризацијата на веќе попишаните предмети и објекти, како и да ја афирмираат вредноста.
-Ова создавање не само што е производ и потреба на генерациите кои творат туку станало и наследство на генерациите што следат и со тоа станало силен гарант за постоењето на еден народ или поединец за дострелите што се постигнувани, за квалитетот и важноста на постигнатото, како такво наследството не останува во тесната рамка на конкретната припадност, туку станува цивилизациска придобивка, рече архиепиоскопот г.г Стефан.
Овој проект, потенцираше, ќе претставува промотор на православната култура во државава.
-Овој проект не само што ќе придонесе за евидентирање на нашето правоиславно наследство, создавајќи база на освежени податоци, туку ќе биде и добар промотор. Ваквите крупни и сериозни потфати имаат за тенденција да ги обновуваат старото и новото давајќи перспектива и на едното и на другото, рече поглаварот на МПЦ-ОА.
Осврнувајќи се на моменталната грижа за наследството, оцени дека не е на потребното ниво.
-Неразбирливи се неангажираноста и неажурноста на надлежните институции од културата за враќањето на предметите од страна на соседните држави како на пример Албанија украдени икони и предмети од Македонија, подвлече архепиоскопот.
Мониторингот ќе го спроведуваат специјалисти од областа на културното наследство, организирани во пет теренски тимови, а во увидот и проценката се опфатени 700 цркви и манастири во сите осум епархии на Македонската Православна Црква – Охридска Архепископија.
Претседателот на националниот комитет на Меѓународниот совет за споменици и локалитети – ИКОНОМОС, Кристина Бицева, на денешната презентација на проектот што се одржа во манастирот „Св. Пантелејмон“ во Нерези, истакна дека државава е исклучително богата со културно наследство, но како што рече, најпрепознатливо, највредно и најбројно е токму православното културно наследство.
На презентацијата присуствуваше и амбасадорката на САД во Северна Македонија, Кејт Мари Брнз, која ја потенцираше поддршката за заштита на културното наследство во државава.
-Културното наследство е прашање на идентитет на тие на кои припаѓа, тимот кој работи на проектот прави огромна служба на црквата и на светот, бидејќи нивната работа ќе помогне да се поведе грижа дека секој може да научи и подобро да ги разбере овие бесценети остатоци од културното наследство пнавистина претставуваат, САД досега имаат дадено повеќе од еден и пол милион долари во изминативе 20 години за да заштитиме повеќе од 15 локации на културно наследство во Северна Македонија, рече амбасадорката Брнз.
Проектот е во целост поддржан од Центарот за културно наследство на Стејт департментот на наследството на заедниците.