Односот мајка-ќерка, недоразбирањата во комуникацијата во најинтимниот дел на семејството, немањето поддршка за одлуките, прошка за грешките, а можеби и љубов? Ова се прашањата што ни ги отвора монодрамата Викторија, работена по текстот на бугарскиот автор Јордан Славејков а во режија на Дејан Ангелов.
По монодрамата Кротка која во фокусот ги имаше човековата себичност и неговата желба да поседува се, дури и жената којашто не го сака, но и драмата Каин која го преиспитува братоубиството, но и вечната борба помеѓу доброто и злото, Ангелов во својата трета претстава пред струмичката публика ќе ги разгледува токму релациите помеѓу мајка и ќерка.
Утре на сцената 112 во Центарот за култура Антон Панов ликот на Викторија ќе го донесе актерката Мирна Трпкова. Вели дека Викторија е силен лик кој носи силни пораки.
Славејков дојде од Бугарија да го види оживувањето на пиесата. Идејата за овој текст тлеела во него долго време, но, за време на долгите карантински денови конечно успеал да ја срочи во пиеса.
Јордан Славејков-автор на текстот
Оваа монодрама е во продукција на здружението Транзен. Трета по ред што ја работат со режисерот Ангелов, а по вторпат ќе биде одиграна на сцената 112, покрај Кротка.
Премиерата е закажана за 20.00 часот.