Во пазувите на планината Беласица, скриени од очите на јавноста се наоѓаат Габровските Водопади. Сместени се веднаш над селото Габрово, по кое и го одбиле името. На оддалеченост од еден километар има три помали водопади, високи од 4 до 8 метри, а нивната чиста ледено студена вода истекува меѓу дебелите и разгранети буки.
Слапот од највисокиот водопад се прекршува во средниот, а тој во најмалиот и заедно истекуваат покрај последната куќа од селото Габрово. Самото прекршувањето и паѓање на водата од еден во друг водопад е тоа што ги прави интересни и различни од двата веќе добропознати водопади во овој крај.Овде доаѓаат ретки посетители што слушнале за оваа природна убавина, но оние највештите и најхрабрите можат да се искачат по тесни и стрмни козји патеки, кои ја испреплетуваат таинствената планина Беласица. Во оваа недопрената идила се слушаат само жуборот на водата и песната на птиците. Водопадите се толку величествени и таинствени, што се добива впечаток дека тие го диктираат животот во планината.
Габрово е село со традиционални македонски куќи типични за подбеласичкиот крај. Природата е дива и непокорна, како времето да застанало во ова село.
Фото / Видео / Монтажа: Кире Пиличев, Ѓорги Кончалиев